
септември 23, 2020
Недела на промоција на хумани вредности
Програмата на Црвен крст на Република Северна Македонија, ЦКА- ПХВ (Црвен крст во акција- промоција на хумани вредности) е национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во редовите на Црвениот крст. Истата се имплементира низ целата територија на РСМ и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци и 45 дисеминатори кои работат со нив. Младите добиваат обука за Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, културата на дијалог како основен предуслов за градење интеркултурно општество. Во текот на овие обуки, потенцијалните волонтери добиваат практични знаења за начините на изработка на проекти со цел помош на заедницата и ранливото население.
Секоја година, при завршувањето на ЦКА- ПХВ циклусот се одбележува ЦКА-ПХВ Недела. Оваа година младинците тоа го направија со компонирање на песни за хуманоста кои ја опишуваат нивната мисија за создавање на подобро општество за сите.
Песната „ОД НАС – ЗА НАС“ е резултат од заедничката работа на овогодинешните младинци на програмата. Заеднички напишана, искомпонирана, испеана и снимена, што впрочем е и целта во одбележувањето на настанот- младинците да работат заедно, да се дружат и да се мотивираат за уште добри дела.
Напомена: При создавањето и изведувањето на песната беа почитувани сите препораки за заштита од Корона вирусот.



































