јануари 31, 2025

ЦКРСМ-ОО Карпош – домаќин на ХХХ-от државен натпревар по прва помош

На 21 септември 2024 година во паркот во општината Ѓорче Петров и пред Трговскиот центар „Кам Мол“ Црвениот крст на Република Северна Македонија го одржа ХХХ-тиот државен натпревар по прва помош. Покровител на настанот беше Министерството за образование, а домаќин беше Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Карпош.

На натпреварот учествуваа 12 екипи од 12 општински организации на Црвен крст составени од 72 млади лица од средни училишта кои се натпреваруваа во прва помош преку посета на 12 бази поставени на една траекторија. Овие активности имаат за цел да ја зголемат свеста за важноста од прва помош и да ги обучат младите во вештини кои можат да спасат животи.

На настанот свое обраќање имаа г-дин Саит Саити – Генерален секретар на Црвен крст на РСМ, г-дин Александар Стојкоски – Градоначалник на општина Ѓорче Петров и г-дин Љулзим Алиу – Заменик министер за образование и наука, а беа присутни и г-дин Самир Исени – директор на Институтот за јавно здравје – Скопје, г-ѓа Гордана Кожуваровска-претседател и Тони Јакимовски – секретар на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Натпреварот беше поддржан од општина Ѓорче Петров, ТЦ „Кам Мол“ – Скопје и приватната компанија „СМД Солушн“ – Скопје.

На настанот присуствуваа над 500 лица меѓу кои натпреварувачките екипи, претставници од општински организации на Црвен крст, вработени и волонтери во Црвениот крст, судии – лекари и демонстратори по прва помош, соработници на Црвениот крст и случајни минувачи-посетители.

Првите три места на натпреварот по прва помош ги освоија екипите од:

1. Црвен крст на РСМ – ОО Битола

2. Црвен крст на РСМ – ОО Куманово

3. Црвен крст на РСМ – ОО Радовиш

Првите три места на натпреварот во областа забава и дисеминација ги освоија екипите од:

1. Црвен крст на РСМ – ОО Куманово

2. Црвен крст на РСМ – ОО Битола

3. Црвен крст на РСМ – ОО Радовиш

Пред Трговскиот центар KAM MALL, со поддршка на Црвениот крст на град Скопје беа поставени промотивни штандови со показна вежба за прва помош и промоција на услугите кои ги спроведува Црвениот крст наменети за возрасната популација како што се Итно копче, Наменски транспорт, Центар за метално здравје, како и бесплатно и мерење на шеќер во крвта и крвен притисок. Настанот беше посетен од повеќе од 500 лица, од кои 250 лица беа директно вклучени во пунктовите за мерење на шеќер, мерење на притисок и делење на промотивен материјал. Во реализацијата на промотивниот настан беа вклучени 15 лица-вработени и волонтери од Црвениот крст на град Скопје.

Овој натпревар беше со истакната еколошка димензија преку поставување на корпи за рециклирачки отпад што придонесе за зголемување на неговото воспитно-образовно значење.

Значајно и вредно е да споменеме дека во подготовките и реализацијата на натпреварот се вклучија 72 волонтери од Црвен крст на РСМ – ОО Карпош меѓу кои волонтери од Клубот на млади и Клубот на родители кои за подготовките и реализацијата на натпреварот остварија вкупно 827 волонтерски часа.

Црвен крст на РСМ – ОО Карпош изразува длабока благодарност на сите вклучени чинители во подготовката и реализацијата на ХХХ-от Државен натпревар по прва помош.

< врати се назад