
март 7, 2024
Одбележување на Неделата на борба против ракот
Согласно календарот на традиционални активности на Црвен крст на Република Северна Македонија од 01 до 08 март 2024 година се одбележува Неделата на борба против ракот под мотото „Раната детекција спасува живот“. Ракот е епидемија на нашето време или како што многу го нарекуваат – болест на цивилизацијата. Во Република Северна Македонија, секоја година се откриваат околу 6.000 нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се навистина застрашувачки и алармантни. Во таа насока споделуваме информации за превенција.
Започнуваме со ракот на дебелото црево кој е малигно заболување кај жените и кај мажите. Раните фази на ракот обично се без симптоми. Во понапредна фаза кај луѓето можат да се јават следниве симптоми:
– Крварење од дебелото црево или крвава столица;
– Промена во навиките на дебелото црево;
– Столици кои се потенки од вообичаеното;
– Општо проблеми во стомакот, како што се надуеност и грчеви;
– Пролив, запек или чувство дека движењето во дебелото црево не е сосема целосно;
– Слабеење без очигледна причина;
– Малаксаност;
– Повраќање.
НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИК И РАНО ОТКРИВАЊЕ НА РАК НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО СПАСУВА ЖИВОТИ!
Затоа:
– Бидете физички активни најмалку 30 минути, најмалку пет дена во неделата!
– Одржувајте здрава телесна тежина!
– Немојте да пушите. Ако пушите, престанете!
– Кога станува збор за ризикот од рак на дебелото црево, најдобар совет е: Ако не пиете, не започнувајте! За
луѓето кои веќе пијат, Американскиот институт за истражување на рак (AICR), препорачува ограничување на алкохолот на:
– Жените не повеќе од еден жесток алкохолен пијалок дневно или 45 мл!
– Мажите не повеќе од два жестоки алкохолни пијалоци дневно или 90 мл!
– Јадете овошје, зеленчук и интегрални житарки, тие ќе Ви помогнат да бидете и останете здрави!
– Јадете помалку црвено месо и други преработки од месо!
