
43-ти општински натпревар по прва помош за основни училишта
На 28 мај 2024 година во паркот во Ѓорче Петров, Црвен крст на РСМ-Општинска организација Карпош го одржа 43-от Општински натпревар на екипите по прва помош во категоријата подмладок од основните училишта на територија на општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај. Натпреварот беше поддржан и помогнат од општина Ѓорче Петров. На настанот присуствуваа над 300 лица: директори, професори, наставници-ментори и ученици од основните училишта, лекари, демонстратори по прва помош, вработени, членови, волонтери, соработници и поддржувачи на Црвениот крст.
На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ги покажаа 23 екипи составени од ученици од 23 основни училишта преку посетување на 6 бази (3 бази со повреди, дисеминација, забава и ментално здравје) организирани на две траектории. За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите беа ангажирани лекари и демонстратори, а за реалниот приказ на сценаријата и „повредите“ на базите се погрижија 2 обучени шминкери и 15 манекени – волонтери од ОО Карпош.
Првите три места на натпреварот по прва помош – добитници на пехари и дипломи, ги освоија екипите од училиштата:
1. ООУ „Јан Амос Коменски“
2. ООУ „Лазо Трповски“
3. ООУ „Братство“
Првите три места на базата за дисеминација ги освоија екипите од училиштата:
1. ООУ „Страшо Пинџур“
2. ООУ „Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски“
3. ООУ „Петар Поп Арсов“
Првите три места на базата за забавни игри ги освоија екипите од училиштата:
1. ООУ „Јан Амос Коменски“
2. ООУ „Владо Тасевски“
3. ООУ „Петар Поп Арсов“
Во знак на признание за поддршката во подготовката на екипите, на сите одговорни наставници им беа доделени благодарници.
Подготовките на пријавените 23 екипи со над 170 опфатени ученици беа спроведени од страна на 5 обучени млади демонстратори по прва помош во период од два месеци преку одржани 53 теренски посети во училиштата и две двочасовни онлине средби.
Овој натпревар беше со истакната инклузивна и еколошка димензија што придонесе за зголемување на неговото воспитно-образовно значење. Во натпреварот како манекени и волонтери на дел од базите беа вклучени учесници од целната група на проектот „Хуманко“. Исто така, за време на натпреварот беа поставени корпи за фрлање на рециклирачкиот отпад.
Значајно и вредно е да споменеме дека во подготовките, организацијата и реализацијата на натпреварот се вклучија 68 волонтери од Црвен крст на РСМ – ОО Карпош кои за подготовките и реализацијата на натпреварот остварија вкупно 478 волонтерски часа.


